Расчистивме со Max. Морам да признаам дека ми е чудно што повеќе го нема. Знаете како е, секој навивач на овој клуб е сентиментално врзан за се што се случува во и околу него. А како и да не би било така кога и самиот клуб функционира на сентиментални и емоционални бранови. Низ историјата на овој клуб поминале еден куп емоционални одлуки. Некогаш завршувале добро, некогаш лошо но речиси секогаш челниците се воделе според срцето. Max повеќе не е во клубот и иако пред да замине сите фрлавме со дрвја и камења по него, сега некако ми е необично. Сепак помина долг период на клупата и донесе една титула. Ти благодариме за тоа! Секое добро во понатамошната тренерска кариера!
На местото на Allegri доаѓа вистински синоним за светскиот фудбал, во секоја смисла! Clarence Seedorf е единствениот фудбалер во историјата на фудбалот кој успеал да освои 3 ЛШ трофеи со 3 различни тима (ги има вкупно 4 затоа што 2 има освоено со Milan). И не само поради тоа, Clarence секогаш бил синоним за убавината во оваа игра, за интелигенцијата, фер плејот, широката насмевка и големата смиреност во секакви ситуации. Уште додека играше за Milan, еден спортски директор на клубот изјави дека Clarence зборува 10 % како играч, 20 % како генерален менаџер на клуб и 70 % како тренер. Човекот едноставно го разбира фудбалот. Има харизма која знае да биде заразна и веќе тоа може да се прочита од Balotelli, на прво место. Овој потег е коцка на клубот, тоа сите го знаеме. Но еден новопечен тренер ваква шанса добива само 1 на милион. Шанса полека да го креира тимот, да не зависи од резултатите и да нема притисок за трофеи и бодови.
Clarence на својата официјална презентација како нов тренер на Milan даде неколку одлични поенти и насоки. Прво и основно, рече дека планира да ја користи 4-2-3-1 формацијата со која најмногу можат да се искористат офанзивните фудбалери во клубот иако потенцира дека поважен е менталниот склоп на фудбалерите отколку самата формација. Како што рече Clarence, формациите можат да се менуваат но менталната сила на фудбалерите, не. Рече дека сака да ги врати навивачите на стадионот, сака сите да уживаат во фудбалот, а тоа најдобро се прави со офанзивен пристап. Кратко и јасно преточи, најлесен начин да се освојат бодови е да се игра офанзивно.
Друга многу важна поента, рече дека сака да направи противниците повторно да се тресат кога ќе гостуваат на San Siro. Дека ова е наш дом и никој не смее да дојде тука со размислување дека лесно ќе освои бод или три! Треба сите да почувствуваат што значи да се игра на San Siro! Следна одлична идеја, Clarence рече дека планира да ги замоли сите големи легенди на клубот (Baresi, Maldini, Van Basten, Costacurta...) некогаш да присуствуваат на тренинг на Milan и да им преточат на фудбалерите што значи да се игра за овој клуб и каква историска одговорност со себе носат тие црвено - црни бои!
На прашањата на новинарите за Allegri, Clarence уште еднаш покажа дека е извонреден оратор и вешто ја избегна таа тема велејки дека сака да се насочи само кон иднината и кон креирање на добра клима во клубот. Според неговите зборови, тоа е најважно. Рече дека е задоволен со тоа што во клубот никој не осудува некој друг за лошите резултати, а тоа значи дека тимот е сплотен. Рече и дека верува во начин на функционира на клуб во кој има повеќе тренери за секој дел од теренот (Crespo веќе потврди дека бил контактиран од Clarence за да стане дел од неговиот стручен штаб. За Stam тоа ќе биде многу потешко затоа што тој има договор до 2016-та со Ajax). Веројатно нема да има големи поместувања во трансфер пазарот, особено во купување на фудбалери зимава. Можеби вака е и подобро, тренерот ќе може до крајот на сезоната да тестира кој заслужува а кој не заслужува да биде дел од клубот па на лето да креира трансфер листа и листа на засилувања. Како што може да се забележи, Seedorf навистина придава огромно значење на психолошкиот аспект.
Дебито на Il Professore на клупата на Milan ќе се случи вечерва, против осакатената Verona. Verona има одлични резултати и веројатно е најпријатното изненадување сезонава во Calcio. Сепак Verona ќе биде осакатена поради тоа што мозокот на екипата, Jorginho вчера замина во Napoli а најдобриот напаѓач Luca Toni е повреден. Нормално, треба доста да се внимава на Iturbe кој е еден од најдобрите млади фудбалери во светот.
Веројатните формации покажуваат дека Seedorf уште на првиот натпревар ќе се обиде со она што го спомена на пресот, 4-2-3-1. Формација која некако делува најприкладно за Milan и тоа ние (членовите на блогот) го дискутиравме на кафе во Скопје уште пред повеќе од 1 година. Оваа формација е и најпогодна за El Shaarawy кој никако сезонава да врзе континуитет поради повредите (се враќа во Март). Друг пех е новата повреда на Pazzo кој имаше важна улога во идеите на Seedorf (во таа 4-2-3-1 една варијанта беше со Pazzini во шпицот а Mario како дел од тројцата зад него). За жал, Pazzini ќе отсуствува цел месец.
Овој тим на хартија делува одлично но веројатно сите ќе се сложиме за една работа, Daniele Bonera. Настрана лошите партии во минатото, на последниот натпревар против Sassuolo, The Boner беше ужасен!! Директно кумуваше на 3 од 4-те гола на Berardi и не гледам никаква логика во негов повторен старт. Иако Zapata е нашиот најдобар дефанзивец во моментов (се консолидира после неколку ужасни месеци), сепак јас дури би се нафатил и на двоец Mexes, Rami ако тоа му помогне на новиот французин, само Bonera да не игра. Воопшто не ми се допаѓа таа варијанта!
Остатокот од тимот е најдоброто што може да се извлече во моментот и нема апсолутно никакви замерки. Знам дека е рано за резултати, знам дека Il Professore не може да направи ништо за 3 тренинга, но убеден сум во вечерашна победа и тоа победа со сигурна игра. Веројатно и мене ме фатила магијата на Clarence :)
Forza Il Professore!! Forza Milan!!!