Translate

Thursday, 2 July 2015

Рекапитулација на Јунското меркато!

Milan агресивно го одработи првиот од трите летни трансфер месеца. И тоа не е нешто што треба да не зачуди. После ужасната сезона за наши стандарди, но уште повеќе откако беше објавено дека сопсвеничката структура на клубот драстично се менува, Milan ги започна трансфер операциите на фудбалскиот пазар. Ова е лето без големо фудбалско натпреварување (несметајќи ја Copa America), така што логично беше да се очекува големи договори да се случуваат и во Јуни. Galliani ги полнеше и ги полни насловните на спортските весници низ Италија, што со убави вести, што со текстови за подбивање. Пренесуваат дека шпарта низ Европа, од Русија до Португалија. И така нека продолжи, овие навивачи заслужуваат да се израдуваат на моќна екипа после две сезони фудбалска мизерија и агонија.

Се почна со враќањето на Rodrigo Ely на 9 Јуни. Управата одлучи да потпише договор со бразилецот со италијански пасош и да го врати во клубот во кој ја помина младинската кариера. Важеше за еден од најперспективните таленти во школата, по што две сезони помина на позајмица во Serie B, кај Reggina и кај Varese. И во двата клуба беше стандарден, исто како и лани во дресот на Avellino. И не е мала работа да биде прв стопер на три различни екипи во три сезони на 20-21 години. Milan процени дека напреднал доволно за го носи црвено-црниот дрес и сега засега ќе им веруваме. Би било крајно глупаво и нерационално да целосно купиш играч од кого минатата година си се откажал (од 50%) за годинава одново да го пратиш на позајмица. Така што, лично очекувам Ely да добие соодветна шанса кај Mihajlovic, иако трансферот се случи пред назначувањето на новиот тренер.


Баш официјализирањето на Miha како нов тренер беше следната голема работа која излезе од клубот. На 16 Јуни од Casa Milan излегоа две важни соопштенија. Со првото и официјлано се разделивме со Pippo. Клубската играчка легенда не ги исполни очекувањата како тренер. Беше прашање на време кога клубот ќе го раскине договорот. За жал ќе остане запаметен како еден од најлошите тренери во историјата на клубот. Десеттото место во првенството едноставно беше преголема пречка за да му се даде уште една шанса. Pippo на сите ни е многу драг, но Milan ни е подраг и мора да продолжиме без него. Во истиот ден, малку невкусно, Mihajlovic беше претставен како нов тренер. Србинот е поинаква приказна од тоа што го имавме во последните 2 сезони. Не е најискусниот тренер, но зад себе има 10 години тренерски стаж. Ако се оди според желбите и замислите, договорот ќе му истече во Јуни 2017.

Следуваа две негативни епизоди: Jackson Martinez и Geoffrey Kondogbia. Во ситуација кога се чекаше на првото големо засилување, а клубот ги претстави скоро како наши играчи, двајцата го шокираа ќелавиот и на неколку дена го направија Milan и главниот оперативец во клубот мета за потсмев. Повеќе болеше Kondogbia, секако. Италијанските медиуми објавија несекојдневна вест која се однесуваше на некаков џентлменски договор помеѓу Milan и Inter, според кој взаемно се откажуваат од трансфер целите на другиот клуб. И покрај тоа, и покрај договорањето на лични услови, Inter го претрка Milan и го потпиша французинот. Martinez пак, повеќе го преферираше Atletico Madrid – нешто што не го предвиде ниту Milan Channel и истрча да го облечево дрес од Milan.


Првото големо поптишување се реализира неколку дена подоцна: Andrea Bertolacci стана росонер. Сеуште не сум убеден дека сите на него гледаат како голем плен. Според мене е едно од попаметните купувања на клубот последните неколку години, но само ако ја исклучиме цената. Преоптимистички е да веруваме дека Bertolacci го заслужи третиот најскап трансфер на еден италијански фудбалер во последните 13 години. Како и да е, одлично би се вклопил во ротацијата во средниот ред. Уште едно враќање на поранешен наш младинец се случи по наддавањето на Milan и Torino за Simone Verdi. Нашите имаа подобра понуда и ја добија целосната сопственост врз офанзивното крило за 450 илјади евра.

Во Јуни се случија неколку важни обновувања на договори и неколку взаемни раскинувања. Камен од срце им падна на многумина кога ги видоа Galliani и de Jong со пенкала во рацете. Нови три сезони за холанѓанецот во црвено-црно. One for the future: Niang се врати од позајмицата во Genoa и потпиша обновување на договорот до 2019 година. И голманите чиј договор истекуваше ставија потписи на нов. Abbiati уште една сезона како втора опција, а Gabriel во Milan до 2018 година, иако скоро сигурно ќе биде на позајмица сезонава. Клубот раскина со проблематичното дуо од Гана, верувам на општо задоволство. Essien ќе биде нов играч на Panathinaikos, на Muntari сеуште не му се брза.

На крајот на сезоната истекоа неколку позајмици. Од клубот заминаа Destro, Van Ginkel и Bocchetti, а договорите им истекоа на Bonera, Pazzini, Mexes и Robinho. Empoli ја искористи откупната клаузула на крајот на позајмицата и за 4 милиони евра го откупи Saponara. Назад во клубот се вратија неколку отпишани ликови од типот на Matri, Birsa и Nocerino и сите се во фаза на наоѓање на нов клуб. На првиот ден од Јули се официјализира првиот значаен “out” трансфер – Adil Rami заминува за Шпанија, во Sevilla, според многумина како услов, но не и дел од очекуваниот трансфер на Carlos Bacca во Milan.


Тоа што не се случи во Јуни, а за кое недостасуваат само формалности е потпишувањето на колумбиецот Bacca. Најдобриот стрелец на Sevilla и еден од најдобрите играчи во Primera изминатите две сезони сака и најверојатно ќе биде росонер. За 2 Јули се закажани лекарските прегледи и конечната реализација на трансферот тежок 30 милиони евра. Тоа е истиот датум кога се очекува уште еден потпис – оној на Jose Mauri од Parma. Со исклучувањето на Parma од Serie A, Mauri стана слободен играч, а договорот предвидува во Milan да се задржи 4 години. Според медиумите во Италија, уште двајца играчи имаат големи шанси да станат дел од клубот. Axel Witsel и Luiz Adriano се во интензивни преговори со Galliani. Белгијанецот бил го остварил најголемиот трансфер во Италија во последните 4 сезони со оглед на сумата од 35-40 милиони која ја бара неговиот клуб Zenit. Поволната позиција на Milan во преговорите за двата трансфера ја дава фактот што и Witsel и Luiz Adriano сакаат да играат за Milan и усогласени се личните услови со двата фудбалери.

Ќе спомнам уште неколку играчи кои во текот на Јуни беа поврзувани со Milan, но за кои, според последните случувања тешко дека би имало место во тимот или интересот од една од страните почнал да изостанува. Ibra е постојано толку блиску, но никогаш не се случува наредниот чекор. Baselli од Atalanta беше една од најреалните опции уште од зимскиот преоден рок. Ангажманот и силниот интерес за други фудбалери од средината го прави овој трансфер се помалку реален. Romagnoli важеше за една од најповолните дефанзивни опции на G, но сумата од околу 20 милиони што Roma ја бара се чини превисока во моментов. Abdennour, Laporte, Hummels, засега далеку од реализација.

Мислам дека повеќето ќе се сложат ако кажам дека клубот се движи во правилна насока. Со Bacca во нападот, Bertolacci и Jose Mauri во средината и неколкуте други трансфери во најава, логично е да се очекува промена на фокусот на Galliani кон засилување на дефанзивната линија. И тоа веројатно ќе ја одлучи амбицијата за следната сезона. Со силна одбрана Milan може да биде конкурентен на екипите кои бркаат место во ЛШ. По којзнае колку време, екипата се крои на почетокот на летото, пред првата прозивка. Големите промени бараат време за вклопување и воигрување. Со агресивната трансфер политика, силните летни тестови и времето за запознавање на тренерот со сите играчи, Milan личи на друга екипа, многу поразлична од минатите сезони. Се надевам дека и дометот и успесите ќе се променат соодветно.


FORZA MILAN!!!

5 comments:

Dragan Trajkovski said...

Се поправивме нема што.
Бартолачи и Маури млади Италијански репрезентативци, Бака и Адриано докажани европски стрелци.
Сеуште е актуелен Басели и мислам ако дојде тогаш ќе се заврши со купување играчи во средниот ред. Останува најпроблематичниот дел - одбраната. Јас пак би спамал со Дармиан, наше дете, може да игра секаде по страните и мислам дека позитивно ќе му влијае на Де Шиљо да сфати дека не е недопирлив. А и не би било лошо сите 4ца бекови да ги имаме да бидат од нашата школа. За централниот дел од одбраната мора да се искешира добро. Нема да нагаѓам со имиња ама ни треба 20+ милиони тип на играч. Она што повеќе од се друго ме израдува што КОНЕЧНО се ослободивме од некои играчи. За Мунтари и Есиен се знаеше, она што ме изненади е Бонера! Мислев дека засекогаш ќе биде со нас. Со Мексес е сеуште нејасно меѓутоа се надевам дека нема да продолжи со нас. За Абијати и Де Јонг ми е многу мило, а на Пацо му посакувам само најдобро понатака во кариерата. Уште Агаци и Закардо, Ночерино и Матри ми бодат очи вака од тимот. Ако одлучи Миха може уште летово да им најде некој клуб од Серија А каде би биле далеку поважни отколку кај нас.

Navigator said...

Како се осеќате околу заминувањето на SES? Мене лично не ме погоди онака како што очекував. Конечно можам да кажам дека стравував оти нема да се развива онака како што почна. Мислам дека е добар играч, со многу потенцијал, но моментално ограничен во смисла на напаѓачки решенија. Лесно се чита, предвидлив е. Особено кога игра против искусни (ама не стари, затоа што нив лесно ги претрчува) бекови. Не знам, со квалитетно пополнување и трошење на парите од него, нема многу да ми недостасува. Нека му е со среќа во Франција. Единствено ми е криво што заминува во таква лига, дури и со фактот дека во Monaco ќе игра во ЛШ. Ова е взаемно корисно решение ми се чини. Addio Faraone!

Dragan Trajkovski said...

Слично како тебе. Не сум толку погоден. Првичната реакција ми беше негативна, ама потоа ми текна на случајот со Пато и како успеавме да извлечеме 15 милиони за играч кој повеќе беше повреден отколку што играше, така гледам и на ова. Последните две сезони Ел Шарави беше отсутен, и за жал изгледа дека го достигна својот потенцијал. Ако е така тогаш Милан го направи најдобриот потег со тоа што го продаде. Во ваков случај тогаш мислам дека доаѓањето на Ибра е иминентно. Адриано и Бака и истурени напаѓачи кои барем на хартија одлично би функционирале со Ибрахимовиќ, Менез и Нианг конечно ќе играат на своите вистински позиции: SS second striker, или support. Во целава оваа ситуација се прашуваме што прави Черчи?! Ама и онака е позајмен, и онака договорот му истекува кога му истекува и позамицата така да и не е некоја трагедија ако остане иако се ме влече дека ќе го пратиме во Џенова или некаде низ лигава. Во овој случај каде планираме да играме со Ибра + уште еден напаѓач јасно е дека станува збор за 4-3-1-2 формација. Мислам дека со заминувањето на СЕС и евентуалното доаѓање на Златан Хонда може конечно да блесне на својата вистинска позиција. Средината е горе долу ок. Бертолачи и Маури се вистинско освежување, и одлична замена за Мунтари и Есиен, но криво ми е што испуштивме играч како Басели кој замина во Торино за некоја смешна сума од 5-7 милиони. Може да се купува сеуште во средината но тоа не е приоритет. Она што е приоритет е ОДБРАНАТА. Реален сум кога ќе кажам дека сме ЛОШИ позади. Мексес, Запата, Палета се играчи кои се бек ап реално, а не првотимци на тим што сака да игра во ЛШ. За Закардо не сакам да трошам зборови, затоа што Бонера замина па мора некој да биде на негово место. Алекс може да игра како првотимец, ама ако има искучителен партнер до него а таков немаме. Ни требаат двајца СКАПИ и КВАЛИТЕТНИ дефанзивци. Не е важно од каде се, колку години имаат, ни треба квалитет. Криво ми е што играч како Настасич игра во Шалке и што неможеме да го купивме бидејќи ги пополнивме NON EU местата. Веќе стигнавме до позиција каде што не ми е гајле колку би платиле, само нека се донесе Ромањоли, Миха верува во него, сака да го донесе тоа е доволна препорака и онака не плаќам од мој џеб за него.
Да сумираме:

Ибра, 2ца дефанзивци и везњак и летово ќе биде предобро.
Треба да размислиме и како да се ослободиме од играчите како Агаци, Закардо, Албетраци, Ночерино и Матри.

FORZA MILAN момци

Navigator said...

Исто и јас се сложувам во голем дел од тоа што си го напишал. За мене, има 3 слободни места во тимот, по едно во сите линии. И според ова што моментално е најспомнувано, тоа се Romagnoli, Witsel и Ibra. Јас би бил презадоволен ако сите нив ги ангажираме. На out страната, има неколку имиња што треба да заминат. Мислам дека е извесно оти Agazzi, Verdi, Albertazzi и Zaccardo ќе си отидат за многу брзо. Alex, Nocerino и Matri исто така се вишок, ама не сум сигурен дали Miha ќе сака да се ослободи од сите нив. А екипата мора да се скрати до најмногу 27 играчи. Моментално се 30.

Dragan Trajkovski said...

Како и да е времето си тече. За месец дена од сега почнува сезоната а најважниот дел од тимот ни е најслаб и неразигран. МОРА што побрзо да купиме 1-2 квалитетни дефанзивци.