Translate

Saturday 10 January 2015

Torino, за поправање на впечатокот!

Поразот од Sassuolo во вторникот беше многу разочарувачки и болен. Некако бевме премногу оптимистички расположени пред премиерата во новата година. Дали тоа се должеше на убавите вести и најави од нашиот трансфер пазар или на оптимизмот од победата против Real или од природниот нагон да сакаш да започнеш нешто важно со успех... Веројатно комбинација од сите овие работи. Но Zaza, Berardi и дружината ни направија класично спуштање на земја. И одново, последните 2-3 дена зборуваме за истите проблеми што не мачат со години.


Што побргу го оставиме зад нас непријатниот пораз и се вратиме на успесите, тоа се поголеми шансите Milan да остане во трка за главната цел – третото место. Цела среќа по нас што годинава не постои константен тим во лигата. Тоа не се дури ни Juve и Roma, но уште поважно за нас, константни не се ни Napoli, Inter, Sampdoria, Lazio, па така, моментално заостануваме само 5 бода зад главната цел. Сепак, пресвртот што го посакуваме не звучи како лесно остварлива мисија. За противник го имаме Torino и тоа на Olimpico. Тимот што на некој начин е наш должник од минатата сезона и заради кого (заедно со Parma), оваа година не играме во европските купови.

Минатата сезона двата натпревари завршија без победник. Во Торино беше 2-2, а во Милано 1-1. Но Torino воопшто не е истиот тим од минатата сезона. Главните ѕвезди, Cerci и Immobile веќе не се дел од тимот, што и беше за очекување по одличната сезона. Управата проба да го покрие заминувањето на двајцата главни напаѓачи со искусни офанзивци и рангот на Quagliarella и Amauri, но засега безуспешно. Наспроти желбите и намерите на Urbano Cairo, Torino е екипата, заедно со Chievo, која најмногу страда офанзивно, односно има постигнато само 12 гола во 17 кола. И тоа е доста важне податок за екипа како Milan, која најмалку една третина во секој натпревар ја игра со конфузен перформанс на одбранбените играчи. Всушност, тоа беше една од двете главни причини за поразот од Sassuolo пред 4 дена: освен некористењето на крилните фудбалери како прва, втора причина беше неповрзаноста на одбраната со дефанзивниот дел на средниот ред. Сличноста меѓу Sassuolo и Torino, меѓудругото, е и нескладноста помеѓу линиите на теренот, а тоа најчесто повлекува неконвенционални напаѓачки шеми. Од Sassuolo не видовме убаво изграден напад со завршеток веќе предвиден во главата на тренерот. Слично нешто очекувам и вечерва од Torino. Нивниот најсилен дел од поставата е офанзивниот дел од средниот ред, пред се Vives и Farnerud централно и Darmian и Molinaro по крилата. Според тоа, реално е да се очекуваат многу обиди за контранапади.


Од наш аспект, позитивните промени од последниот меч се враќањата на NDJ и Abate помеѓу стартерите. Тоа би требало многу да му помогне на Pippo во дефанзивните замисли. Се уверивме дека со Montolivo на DMC, врската меѓу задниот и средниот дел, во одбранбена смисла е ужасна. Со De Jong во поставата, имаме петти играч во одбраната при контри и полуконтри. Abate од друга страна, ќе ја зголеми опасноста што ќе доаѓа за противникот од десната страна, бидејќи минатиот меч имавме апсолутно безопасна десна страна со Rami, Poli и Bonaventura. Но, последните инфомации велат дека SES нема да го почне натпреварот заради мини-повреда (паралелно со се почестите гласини дека заминува од клубот), а можно е и Armero да стартува на лев бек наместо De Sciglio. Тоа повторно го прави тимот не комплетен, со оглед на тоа што и Cerci не е спремен да стартува против своите доскорешни соиграчи.


И кога ќе дојде време за сумирање и нагаѓање на резултатот, сите логични аргументи и факти водат кон натпревар без многу убавина и без многу голови. Ние некомплетни во нападот, со повеќе од половина напаѓачи кои се во некаква фаза на преговори за напуштање на тимот, а противникот природно неефикасен. Но Milan нема избор, опцијата е една – победа. Момците не смеат да заостанат уште повеќе во однос на конкурентите, затоа што никаков успех на Galliani на пазарот до крајот на Јануари не ќе може да ја надомести разликата. Сигурен сум дека Pippo многу добро го знае ова и верувам дека ќе успее да пренесе доволно мотив на играчите. А мотивиран Milan, ретко кој може да го запре (ping Real Madrid).

FORZA MILAN!!!

2 comments:

Navigator said...

Пресек на првата недела од зимскиот преоден рок:

За почеток, најизвесниот трансфер - Galliani го искористи незадоволството на Suso во Liverpool и успеа да ги договори личните услови со шпанецот, кој за жал, најверојатно нема да пристигне овој месец, туку во Јуни, кога му истекува договорот. Се работи за 4-годишен договор, со плата од 1.2мил по сезона. Покрај Suso, моментално најактуелните имиња со кои се поврзува Milan се: Matia Destro, Davide Santon и Axel Witsel. Последната понуда на Galliani до Roma за Destro била позајмица вредна 1 милион евра, со опција за купување во Јуни за сума од 20мил. Witsel е неколку дена на мета, но последните вести зборуваат за трампа El Shaarawy-Witsel со одредена доплата. Слично сценарио би се применило и во случајот Niang-Santon со Newcastle, со оглед на тоа што Niang веќе одбил неколку понуди, вклучувајќи ја и последната од Arsenal.

Според активностите на пазарот, Pippo има желба да засили неколку позиции, меѓукои левата бековска и најистурената офанзивна. Освен Santon, уште два други леви бека беа поврзувани со Milan изминатата недела - Leonel Vangioni од River Plate и Manual Pasqual од Fiorentina. И двајцата засега се резервни опции доколку размената Niang-Santon не се реализира. Кај напаѓачите, Osvaldo и Emenike се имињата со кои сеуште се шпекулира. Ако G се одлучи да го брка Osvaldo, ќе наиде на конкуренти во Torino, Fiorentina, Cagliari и Olympiacos. На Emenike сигурно ќе му годи преселба во Италија, но Fenerbahce има поставено висока откупна клаузула (12 мил) за таков профил на играч. Младиот Daniele Baselli од Atalanta е единствената сериозна цел од средината на теренот покрај Witsel, така што Baselli би бил логично решение доколку Zenit не се сложи да го ослободи Witsel.

Од играчите кои изгледаат најдалеку од Milan, но беа споменувани изминатите 7 дена: Aleksandar Mitrovic од Anderlecht барем зимава е нереална цел за Milan, но налето тоа лесно би можело да се промени; Nastasic е многу блиску до потпис со Schalke, а со тоа се подалеку од Milan; Околу случајот со Mario Suarez, Galliani никогаш не притисна доволно силно, така што шпанецот е се поретко поврзуван со нашиот клуб; Thiago Motta скоро сигурно ќе замине од PSG, но Milan изгледа како последна опција за него; Ezekiel Munoz нема висока цена за неговите квалитети и возраст, што го прави интересен за неколку клубови низ Италија, пред се Milan и Roma, но засега е далеку од преселба од Palermo.

Ваши размислувања за тоа како го "играме" преодниот рок? Ваши желби до крајот на Јануари?

Navigator said...

Само резултатите на конкурентите не држат сеуште блиску до 3тото место. Пак сме на -5, но после ова коло со уште неколку други дополнителни конкуренти кои се приближија. Веќе не знам што е тоа што треба да се случи за да почнеме победничка серија. Само од нас зависи...