Момци, најпрво, среќна и успешна нека ви е новата година! Да славиме многу
победи, еден куп голови, па и титула, онаму каде што сме сеуште конкурентни.
Се надевам убаво и опуштено ги поминувате празнициве и имате време да следите
што се случува во и околу клубот. Велам дека се надевам имате време, затоа што очигледно
обврските што ги имавме периодов не натераа малку да го запоставиме блогот. Еве, овој
пост нека биде некакво извинување од моја страна за пасивноста последните 30-40
дена и се надевам дека ќе направиме нов рестарт, заедно со новата година.
Првиот предизвик од вториот дел од сезоната ни доаѓа во право време - Sassuolo
е екипата со која ќе ја отвориме 2015тата.
Логично е за очекување дека двете екипи ќе сакаат да ја започнат сезоната со позитивен резултат. Сепак, критериумите и очекувањата во двата табора во пресрет на мечот не се исти.
За нас, единствено победа е позитивен резултат и вистински начин да се продолжи
со фината низа која започна со победата над Napoli, па следеше ремито во гости со Roma и заврши со убавото предновогодишно изненадување во победатата
над Real Madrid. Баш таа
победа, и покрај тоа што се работеше за ревијален меч, некако ја дополни
позитивната празнична атмосфера во тимот и со сигурност го подигна моралот. Дотолку повеќе
што тоа беше прв пораз на Real по 22 победи во низа на официјални натпревари. Кога сме кај моралот и
расположението, Papa Silvio
вчера даде свој придонес - го одржа препознатливото предавање пред играчите, а имал и муабет насамо со Pippo. Berlo уште еднаш ги фиксираше главните цели на клубот: 3тото место во лигата и
напад на трофеот во Купот. На својствен начин го претстави новото
засилување Cerci, а го пофали
и SES за ефектот против Real.
Sassuolo е екипа која носи лоши спомени за Milan. Можеби и не така лоши гледано од аспект
на навивач, но сигурно од аспект на клубот во целина. После поразот од Sassuolo, точно пред година дена, Allegri доби отказ и со тоа започна еден
турбулентен период во кој управата на клубот тргна во потрага по вистинското
тренерско решение, адекватно на новата визија - Milan да ги врати реномето и успесите од
минатото преку паметно и ефикасно менаџирање, во услови кога не може финансиски да парира на најмоќните. Којзнае, можеби по неколку години ќе треба
да се му се заблагодариме Domenico Berardi, тогаш 19-годишникот што ни даде 4 гола во
поразот од 4-3 и го “потпиша” отказот за Max
Allegri.
Како и да било, психолошкиот ефект на утрешниот резултат врз продолжението
на нашата сезона со сигурност ќе биде огромен. Тоа ќе рече дека трите бода се граничат
со имератив. За да го оствари тоа, Pippo ќе има солидна група на фудбалери на располагање. Од оние што не се на тој
список: Honda ќе го пропушти
скоро цел Јануари со оглед на очекувањата неговата Јапонија да биде меѓу
главните кандидати за овојување на Азијскиот Куп, De Jong е суспендиран, исто како Mexes и Armero. Bonera е повреден. На позитивната страна: Alex, De Sciglio, van Ginkel и Abate се назад во тимот. Трансферот на Cerci е административно среден, така што и тој е во
комбинација за утре, но не и за во стартниот тим. Според тоа, веројатната
одбранбена линија би изгледала вака: Lopez на голот, De Sciglio лево,
Zapata и Alex на стопери и Rami на десен бек. Доколку Pippo сепак одлучи дека Abate е спремен да стартува, Rami и Alex би биле во стоперското дуо. Во средината ситуацијата е поприлично јасна, односно Monti ќе се најде на местото каде што стандардно е NDJ, додека Poli и Muntari би се нашле десно и лево од капитенот. Напред, Menez и SES имаат загарантирано место. Ништо помалку сигурен, барем за овој меч е и Jack на RW.
Со оглед на тоа што трансфер-пазарот е веќе отворен, а италијанските екипи
дефинитивно најактивни во првите денови, еве неколку мои размилувања околу потезите на G овој Јануари. Размената Cerci-Torres во глобала е оценета како паметен и позитивен потег. Би се
сложил со тоа. Сепак, кај мене останува стравот - екипата да не остане без класичен
шпиц на кого ќе може да се потпре кога лажната 9ка нема да биде опција. Од ова
веројатно разбирате дека Pazzini, за мене, не ја пружа таа сигурност. Затоа ме израдува веста дека G
е серизно заинтересиран за Destro. Иако не знам зошто Roma би го продала единствениот шпиц во
екипата (Borriello веќе не го
бројам во фудбалери). Веста што уште повеќе ме израдува е последната од вечерва, каде според неколку кредибилни извори, Suso ги договорил личните услови со Milan. Претпоставувам знаете, неговиот договор
истекува летово, така што постојат две опции: Brendan Rogers да биде разумен и коректен и на сметка на
апсолутното игнорирање есенва, да му дозволи на Suso да го напушти Liverpool уште во текот на овој трансфер период, или како втора опција, преминот
да се случи во Јуни, откако Suso ќе стане слободен играч. Нас нема да ни биде сеедно, дефинитивно. Според информациите, се работи за перманентен договор со трајност од 4 години и плата од 1.2
милиони по сезона. На излезната трансфер страна, Newcastle е серизно заинтересиран за позајмица на Niang. Нашите сакаат висока откупна клаузула, а англичаните само позајмица без сума за откуп во Јуни. Уште една млад офанзивец не се вклопува во плановите на клубот - Saponara е се поблиску до Parma. Се надевам дека и Zaccardo ќе биде дел од тој трансфер. Од останатите имиња со
кои сме (одново) поврзувани: Jackson Martinez, Immobile, Mario Suarez,
Brozovic, Thiago Motta, Obi Mikel, Santon, итн.
Неколкуте позитивни моменти што во низа ни се случија ги подигнаа очекувањата за добра
пролетна полусезона. Евентуалната победа утре ќе ни значи многу на сите нас со некаков
интерес за клубот. Имаме таман противник и фин распоред потоа, што се предуслови за овој Јануари
да го претвориме во перфектен. Лично, верувам во успешна полусезона, а особено
во успешен старт на полусезоната. На победа момци!
FORZA MILAN!!!