Токму тоа е терминот кој се врти во главите на Pippo и неговите пулени пред денешниот меч во Cesena. Сезоната ја почнавме одлично, дури и подобро од реалните очекувања и потоа изигравме слаб меч против реално подобар противник и натпревар во кој заслужено загубивме па исходот не беше толку трагичен. Меѓутоа веднаш потоа имавме еден натпревар со црни први 30тина минути, пола час во кој нашата екипа (пред се нашата одбрана) не знаеше што се случува и само добриот Abbiati на голот спречи да не добиеме поголем дебакл од Empoli. Потоа се консолидиравме, се вративме целосно во мечот и имавме пречка преку Menez за победа. Тоа го покажува духот на тимот и верувањето во позитивен резултат до самиот крај но вакви падови не можат вечно да се покриваат со тимскиот дух! Мораме веќе полека да ја стабилизираме одбраната и да играме како стабилен тим од висока класа наместо како непредвидлив тим кој може секој да го торпедира и од секој да биде торпедиран! И тоа треба да се покаже уште денес!
Како што може да се забележи и од графиката погоре во овој меч за првпат сезонава ќе стартуваме со 4-2-3-1 (тоа го игравме во второто полувреме против Empoli и успеавме да се вратиме од негатива од 2 гола). Pippo веќе извесен период го користеше овој модул на тренинзите во Milanello меѓутоа сметаше дека треба да помине некое време пред да го имплементира на меч. Сепак, кризата во повредени фудбалери на средината од теренот го забрза овој процес и веќе денес ќе ја видиме оваа формација од самиот старт. Во оваа формација Menez има слободна улога и во напаѓачкиот дел ќе биде дефакто втор напаѓач во тимот и ќе се уфрлува во 16никот до Torres. Во дефанзива Honda и Bonaventura (El Shaarawy) ќе треба да се повлекуваат назад дури до крилата и така оваа 4-2-3-1 во дефанзива би требало да изгледа класична 4-4-1-1. Лошото во овој модул е во тоа што тимот е многу ранлив во контранапади односно во ситуација кога ќе ја изгубиме топката на противничката половина. Тогаш сме особено изложени по двете аут линии и затоа треба да внимаваме на лоша пас игра на противничката половина. Позитивната страна на овој модул е во тоа што ние треба да ја контролираме топката и играта на теренот и случувањата треба да бидат околу нивниот 16ник а секој погрешно изведен контранапад од страна на противникот би требало да значи речиси сигурна барем полушанса од наша страна. Значи ако ние имаме проблеми со контранапади од нивна страна тие ќе имаат уште поголеми проблеми доколку згрешат при нивен контранапад. Се надевам дека бев доволно јасен :)
Околу првите 11... Повеќе или помалку тоа се оние кои ќе го почнат мечот. Некои дилеми постојат пред се во дефанзива каде Alex може да влета во срцето на одбраната доколку е доволно фит. Тој во секоја комбинација е прв избор во дефанзива меѓутоа веројатно нема да се ризикува со директен старт после повредата против Parma па веројатно мечот ќе го почне од клупата. Другата дилема се однесува на партнерот на De Jong во double pivot формацијата. Тука Essien е во блага предност пред Muntari поради неговата поголема тактичка зрелост и чување на своето место на теренот за разлика од Muntari кој знае да прави излети до противничкиот петерец а потоа не се враќа а тоа е извонредно опасно во оваа поставеност на теренот. Другата причина е тоа што Muntari по првите 2 солидни меча сезонава беше ужасен против Juventus и особено против Empoli. И Essien како и Alex се враќа од повреда па веројатно тоа ќе го диктира неговиот евентуален старт и минутите поминати на теренот. Третата дилема е онаа на која сите најмногу Ви боди очи. Да, El Shaarawy. И за него може да важи она што беше претходно напишано, не е доволно фит. Меѓутоа и не само тоа. Bonaventura е повеќе компатибилен со оваа тактичка поставеност на теренот пред се во дефанзивниот дел. Тој доста играше како класично лево крило во формација 4-4-2 во Atalanta и добро знае да го игра тоа во дефанзива а на Pippo повеќе му треба закрпување во дефанзива отколку фудбалер повеќе во офанзива (каде сезонава сме одлични а ова е само втор меч каде заедно ќе стартуваат Torres, Menez и Honda). Од Bonaventura очекувам повеќе да покрива во дефанзива а во офанзива од него се очекуваат оние интелигентни додавања во длабочина и втрчување во 16никот од втор план. Пред се она првото.
Околу тимот на домакините, Marilungo и Brienza се фудбалери кои се познати во Калчо рамки но не би требало да прават посебни проблеми особено кога Bonera е далеку од теренот. Затоа големи проблеми може да ни направи Leali кој важи за еден од најталентираните млади голмани во Италија и кој во Cesena е на позајмица од Juventus. Кога сме кај младите талентирани голмани во Италија Ви препорачувам да ги прочитате последните коментари на претходниот пост.
Одиме на една стабилна и сигурна победа без примен гол!
Forza Milan!!!