Интригантно, клупата на Milan веројатно во моментов не е омилена дестинација на најголем дел од тренерите со реноме ширум Европа но тоа е вистинска Мека за човекот на сликата. Allegri е сосема свесен дека никогаш во својата кариера нема да добие клуб кој е на приближно ниво и реноме на Milan и затоа цврсто се држи за клупата во Milanello. Во истовреме, B & G се целосно (не) задоволни од неговата работа поради тоа што најмалку од се сакаат во клубот да имаат тренер кој ќе го крене својот глас (па дури и ќе постави ултиматум) кога станува збор за нови засилувања. Вистински брак од интерес! Од една страна Allegri е тивок и не бара скапи засилувања па се задоволува со Birsa и Matri а од друга страна G е задоволен затоа што нема да има проблеми со нефункционален буџет.
И се дотука е идилично, додека не се фрли поглед на табелата. Milan е на очајно место, со очајни резултати и што е најважно, со очајна игра! Клубот досега (иако имаше прилично лесен распоред) веќе нанижа 2 порази а беше на работ на уште 2 од кои се спаси буквално во последните секунди. Со Torino постигнавме гол од пенал во 95та а со Bologna постигнавме 2 гола во самиот финиш. Тоа не го намалува фактот дека одбраната е очајна, средниот ред (со исклучок на De Jong и Poli) е непостоечки а нападот е несинхронизиран. Огромните проблеми со повредите воопшто не можат да бидат изговор, особено не против вакви противници и особено не кога Allegri е на клупата. Симптоматично, по неговото доаѓање во клубот, Milan апсолутно секоја сезона има огромни проблеми, пред се со мускулатурните повреди. Дали е до него, неговиот режим на тренинг, неговите фитнес тренери или болницата во Milanello, можеме само да погодуваме.
Неговото невообичаено форсирање на фудбалери за кои сите наоколу гледаат дека не играат како што треба е друга болка. Muntari е вистински Mr Indispensable иако со секоја минута на теренот покажува дека не му се игра фудбал и дека најдобриот негов потег е шут (еви) од 35 + метри кои финишираат некаде во 25тиот ред од Curva Sud. Секој натпревар стартува со Birsa и секој натпревар тој е првиот што го напушта мечот некаде од 55та до 65та минута. И следниот меч, повторно истата приказна. Рака на срце, Birsa не е ниту главниот виновник. Сигурно и тој самиот не очекуваше ништо повеќе од епизодна улога во Milan но ете, ставен е во огнот и целиот бес се истура врз него.
Кога сме кај измените, тајмингот на измените и имињата кои се бираат се уште една рак рана на Mister Allegri. Некогаш добивам впечаток како и самиот намерно да прави нелогични потези и се обидува секој следен пат да биде колку што е можно понеинвентивен! Вистинско чудо е како не успева да го чита текот на играта, проблемите и да реагира навремено и правилно!
Сега доста за тренерот чии врвни трансфер желби беа Lazzari, Cossu, Astori и Matri. Да се навратиме малку на тимот и следниот предизвик.
Фразата „меч што едноставно мора да се победи“ веќе е многу излитена кога станува збор за Milan. Едноставно принудени сме да одиме чекор по чекор и секој следен натпревар да го гледаме низ призмата на недоверба и страв. Проблемите со повредите остануваат а и Balotelli е повторно во аут. Иронично, без Balotelli во тимот успеавме да постигнеме дури 3 гола на еден натпревар (кој би рекол) а притоа не успеавме да ги добиеме 3те бода и се боревме за бод во финишот. Тоа уште еднаш укажува каква е нашата игра во дефанзива и пред се каква е нашата одбрана при нафрлени топки, корнери и слободни удари. Со еден збор, ужасна! Најголем дел од фудбалерите во средниот ред (со исклучок на De Jong и Poli кој и не добива шанса во континуитет од Mister) воопшто не помагаат на дефанзивците. Тука пред се мислам на Muntari на кој играта во одбрана треба да му биде приоритет и тоа би требало да е приоритетната причина поради која е во тимот. Веројатно не очекуваме од него да постигнува голови?!
Birsa almighty веројатно повторно ќе стартува со Binho зад Matri кој имаше вистинско шоу од промашувања против Bologna. Знаеш кога нешто не е во ред кога Robinho ти е најдобрата опција во тимот за постигнување на гол. Niang повторно ќе го пречека мечот од клупата а формацијата упорно не се менува и не се враќаме на онаа 4-3-3 која ни донесе извонредни резултати во вториот дел од минатата сезона и а формација за која имаме повеќе фудбалери во комбинација, особено сега кога имаме повредени техничари во тимот (Kaka и Montolivo). Човек не треба да биде врвно тренерско име за тоа да го уочи, треба само да не биде Allegri!
Sampdoria е уште еден тим кој можеме без проблеми да го победиме и може без проблеми да нè победи. До таму е дојдена работата!
Forza Milan!!!