Translate

Wednesday, 18 September 2013

Отворање на Лигата на Шампионите!


Само кратка најава на мечот вечерва. Сепак се работи за отворање на најинтересното клубско натпреварување во светот. Со оглед на случувањата и резултатите на клубот, слободно можам да кажам дека имаме среќа што баш сега треба да го одиграме, условно речено, најлесниот меч во групата. Објективно, Celtic е најмалку квалитетниот во оваа група, а кога ќе се додаде и домашниот терен, фер е да се каже дека се правиот противник во право време. Иако ова не е лига со 38 кола и секој меч може да биде одлучувачки. Затоа мора да се тргне на прав начин од старт.

Момците, барем оние што останаа здрави, се припремаат за премиерата на ЛШ во едни несредени услови. Зборувам од тактички апсект и за идејата на Allegri. Лично, малку ме плаши оваа ситуација. Тимот делува како да е без тренер, препуштен сам на себе. А тоа, во време кога немаме постари и поискусни авторитети во соблекувалната, може да ескалира. Особено кога играчите од кои најмногу се очекува и кои се први ѕвезди на тимот, се оние со проблематичен карактер. Allegri денес на прес потврди дека не постојат (не ги знае) состојки за успешен меч во ЛШ. Тоа едноставно не го изјавува врвен тренер, тренер што верува во својата екипа. Впечатокот е дека Allegri не дава инпут во резултатите на тимот. Или подобро речено, не дава позитивен инпут. Напротив, неговите грешки со изборот на стартерите или со нелогичните измени, немоќта да промени тек или динамика на играта во моменти кога екипата не се снаоѓа најдобро, може да влијае само негативно. И тоа се случува константно.

Ако се вратиме на мечот, под претпоставка дека сме во тек со сите повредени и проблематични играчи во пресрет на пречекот на Celtic на San Siro, добиваме список со дури четворица младинци меѓу 21 повикан играч:

Abbiati, Amelia, Coppola, Constant, Mexes, Iotti, Zaccardo, Zapata, Benedicic, Birsa, Cristante, De Jong, Emanuelson, Modic, Muntari, Nocerino, Pedone, Poli, Balotelli, Matri, Robinho.



Abbiati, Mexes и Zapata се сигурни во одбраната. Заради немањето на избор, многу веројатно дека и Zaccardo ќе стартува десно. Интересно ќе биде што Max ќе одлучи за левата бековска позиција – дали да му даде шанса на претходно лошиот Urby или да почне да го враќа Constant во првиот состав. Дилемата во средината е дали Poli е доволно спремен за старт или десно ќе покрива Nocerino. Останатите двајца во средината ќе бидат NDJ и незаменливиот Muntari. Мојот најголем страв доаѓа од испразнетото место на Kaka. Не дека синот имаше перфектен натпревар во саботата, но името на неговата замена делува тажно. Веројатно ќе дочекаме Valter Birsa да биде играчот што ќе ги поврзе средниот ред и нападот, играчот што треба да ги храни Balo и Matri со квалитетни шанси и одвреме навреме да прави човек вишок во крајната фаза на нападот. Да видиш, да не поверуваш.

И сега на светло излегуваат два проблема: (1) грешката на Gandini со невклучувањето на Niang на списокот за ЛШ и (2) форсирањето на комплетно нова формација на Allegri, иако, рака на срце, со моментално достапниот состав изгледа најприкладно. Milan под Allegri има три кампањи во ова натпреварување. Ако се разгледуваат трите воведни натпревари во секоја од сезоните, клубот има една победа (Auxerre) и две ремиа (Anderlecht и Barcelona). Вечерва не ни треба само продолжување на традицијата без пораз, туку и победа. По можност, уверлива. Тоа навистина ќе значи плус за Allegri, но верувам на сите ни е поважен успехот на клубот, отколку фигурата која стои покрај аут линијата. Сезоната се крши, текот на натпреварувањата се одлучува на почетокот и во тоа се уверуваме минатата сезона. Затоа вечерва неопходен ни е Celtic на колена!


Бонус: Младите фудбалери на Milan (оние под водство на Pippo, Primavera составот) денеска од 15.00 часот дебитираат во новата младинска лига на шампиони, наречена UEFA Youth League. Лигата се состои од младинските екипи на сите сениорски учесници на годинешната ЛШ. Одлична увертира за вечерашниот меч!


FORZA MILAN!!!

Friday, 13 September 2013

Torino - Milan и враќањето на синот!


После долгиот период на дејствување “во позадина” и немо следење на настаните околу блогот се враќам назад да го дадам својот придонес во развојот на еден од најквалитетните блогови за македонските фанови на Милан. По некоја случајност се погодува и со враќањето на Кака што е убав мотив за да се напише еден пост за второто деби во црвно-црниот дрес, дрес во кој Кака ги доживеа најубавите моменти во кариерата и ги постигна најголемите успеси. Враќањето на Кака во Милан за секој росонер со мали исклучоци, е дискутабилно. Нема росонер што Кака не го обожавал и не му бил меѓу омилените играчи, едноставнo таква му е ѕвездата на Рики, но тоа е емотивната страна. Онаа рационалната вели дека Кака е играч со 31 година, играч кој немал константа минутажа во изминатите 4 години и играч кој влече хронична повреда. Но исто така нема и таков кој однапред ќе се осуди да каже дека Кака е залудно донесен и дека ќе има неуспех. Човекот фудбал не заборавил да игра, и покрај годините сепак има уште пар сезони пред него кои може физички да ги издржи без никаков проблем ако нема проблеми со повреди. Дека не заборавил да игра фудбал доказ се и головите и асистенциите кои во сооднос со добиената минутажа и не се така малку и се постигнати во нему својствен стил. Се на се, шансата ја заслужува, шансата ја добива и од раководството и од навивачите, се надеваме дека сите заедно повторно ќе се радуваме со неговите настапи.


Толку околу Кака и неговото враќање, она што не очекува е гостувањето во Торино, кај Торино. Екипа кај која треба и мора да освоиме три бода, иако не е за потценување она што го имаат на располагање. Спој на младост и искуство, иако се тоа е пред се од просечни играчи. Cerci беше поврзуван со трансфер во поголеми клубови меѓу кои и Милан, што само по себе не го прави надпросечен играч, иако квалитет имa и го докажал тоа повеќе пати, па може да се смета за опасност кон нашиот гол. Колку што можев да извлечам инфо, Cerci има мала повреда но веројатно е утре да стартува. До него е Immobile, млад репрезентативец од кој реално италијанската фудбалска јавност очекуваше и повеќе, веќе има 23 години, а дечкото сеуште се шета од клуб во клуб без некој позначаен успех. Вреди и да се спомне дека веќе втора или трета година имаат "наше" дете во тимот, Matteo Darmian.

Околу нашиот ростер, операцијата на De Sciglio според информациите ќе го оддалечи од терените околу два месеци што е позначаен хендикеп за нас! Abate ќе биде отсутен утре и со Селтик, што го носи Zaccardo во првиот тим. Allegri имаше изјави од типот благодарен сум на Zaccardo што не ги прифати понудите за трансфер инаку ќе моравме со Торино да играме со играч од средината на позиција десен бек.  Allegri пријателе, сподели од твојата дрoга и со нас навивачите. Подобро месец дена со среден играч на позиција десен бек, отколку Zaccardo цела година во ростер на тим што се декларира дека ќе се бори за титула.


Како и да е, повикани играчи: 
  • Abbiati, Amelia, Coppola
  • Constant, Mexes, Vergara, Zaccardo, Zapata
  • Birsa, Cristante, Emanuelson, De Jong, Kaka, Montolivo, Muntari, Nocerino, Poli
  • Balotelli, El Shaarawy, Matri, Robinho 
Составот кој најверојатно ќе започне:


Последните вести кажуваат дека El Shaarawy заработил повреда што со сигурност го оддалечува од утрешниот дуел со Торино, како и од оној со Селтик. Повеќе детали за сериозноста на повредата ќе знаеме во деновите што следат.

Се на се, сите очи утре ќе бидат свртени кон Кака и неговото второ деби за Милан и нормално кон мрежата на Торино во која се очекуваат голови.

Ќе одам и со прогноза 0-3, повелете и Вие :)

FORZA MILAN!

Sunday, 8 September 2013

Меркато 2013


Конечно постот кој го ветував и кој се пролонгираше малце повеќе одколку што требаше. Сумирање на трансакциите кои Милан ги направи ова лето. Во летото во кое се случија најгомите движења на најголемите играчи во светот и најголемите клубови ги сменија своите тренери ние не направивме значителни промени. Пишував за ова на почетокот на летото дека ќе се случат многу големи трансфери. Бејл, Озил, Кавани, Фалкао, Игуаин, Нејмар, Виља, Тевез, Иско, Ето... и многу многу други беа дел од едно од најјактивните лета од кога јас гледам фудбал. Се на се купивме 8 нови играчи + Кристијан Запата кој иако беше на позајмица минатата сезона од ова лето е играч на Милан и не чинеше околу 6 милиони евра. Од клубот си заминаа 10-ина играчи, на повеќето од нив им истече договорот, а некои заминa на позајмица.

Си заминаа:
Марио Јепес - Аталанта (крај на договор)
Масимо Амброзини - Фиорентина (крај на договор)
Метју Фламини - Арсенал (крај на договор)
Бакаје Траоре - Ерцеиспор Турција (позајмица)
Дидак Виља - Бетис (позајмица)
Андреа Петања - Сампдорија (позајмица)
Кингсли Боатенг - Катаниа (позајмица)
Родни Страсер - Џенова (препуштен на Џенова како дел од трансферот на Констант)
Бартос Саламон - Сампдорија (продаден 50% како дел од трансферот на Поли)
Лука Антонини - Џенова (замена за Бирса без паричен надоместок)
Таје Таиво - Бурсаспор (продаден за непозната сума)
Принс Боатенг - Шалке (продаден за 10 милиони евра)

Тотална сума на играчи кои си заминаа: околу 15 милиони евра.

*Не ги вклучив сумите и играчите од Примаверата, како и оние кои често се влечеа по позајмици поради тоа што се тотални неважни, и погоре ги вклучив само играчите кои имаа допирна точка со првиот тим.

Дојдоа:
Кристијан Запата - Виљареал (откупен за 6 милиони)
Кевин Констант - Џенова (50% од Ачерби, и 50% од Родни Страсер)
Рикардо Сапонара - Емполи(3.8 мил. евра)
Џерсон Вергара - Депортиво Кинто (2 мил. евра) 
Андреа Поли - Сампдорија (1.5 + 50% од Бартос Саламон)
Матијас Силвестре - Интер (позајмица 1 мил. евра. со можност за купување на 4м)
Фердинандо Копола (слободен играч)
Валтер Бирса - Џенова (замена за Лука Антонини без паричен надоместок)
Рикардо Кака - Реал Мадрид (раскин на договор)
Алесандро Матри - Јувентус (11 мил.евра)

Тотална сума на играчи кои дојдоа: околу 20 милиони евра

* Кејсуке Хонда од ЦСКА Москва ќе дојде во Јануари како слободен играч.


Можеби и не беше толку бурно ова лето како што очекувавме, пред се затоа што се се сведе на последната недела од преодниот рок кога и бевме најактивни. Ова секако се должеше на пласманот во ЛШ кој моравме да го загарантираме па потоа да купуваме играчи. Добра работа од ова меркато е што се ослободовиме од играчи кои беа вишок во тимот: (Антонини, Фламини, Траоре,) од играчи кои се во залезот на кариерата (Амброзини, Јепес) како и на оние на кои местото не им е во тимот (Таиво, Дидак,Страсер). Позитивна работа е што го продадовме Принс Боатенг кој не беше константен и имаше големи падови во играта. Можеби лошо е тоа што не извадивме добра сума за него бидејќи ни се брзаше во продавањето.
Од друга страна пак Кингсли Боатенг, Бартос Саламон и Андреа Петања ќе добијат значајни минути во најквалитетната лига во Италија (нешто што немаше да го добијат во Милан). Лошо е тоа што не успеавме да се ослободиме од Робињо иако беше скоро 99% сигурно дека ќе си замине, и на крај тој го продолжи договорот но со помала плата. Од играчите кои дојдоа за поздрав е купувањето на Запата за ефтино, Констант скоро за џабе, младите Вергара, Сапонара и Поли кои ќе добијат шанса да докажат дека се иднината на овој проект. Матијас Силвестре како заврши во Милан најверојатно ни самиот незнае. Јас би рекол едно купување од очај, но за ефтино и доколку по некоја случајност дечкото се покаже и си ја поврати старата форма тогаш имаме еден добар бекап со мала инвестиција.
Фердинандо Копола е дојден само поради повредата на Габриел така да од него многу нема да видиме. Валтер Бирса е помалото од двете зла заедно со Лука Антонини и јас искрено не очекувам да блесне во Милан, а ниту пак да има некоја значителна минутажа. И за крај двајцата играчи кои го одбележаа ова меркато за нас.
Рикардо Кака кој конечно по 4 годишна пауза се врати во Милан. Добрата страна на овој трансфер е што дојде за без пари и нема да прекршуваме многу од лимитот со неговата плата (4 мил евра.) Од емотивен аспект неможев ни јас да останам рамнодушен на овој трансфер но од формациски аспект траснферот е еден голем прашалник. Дај боже да го видиме стариот Кака кој и самиот рече дека во Милан е навикнат да победува па да се затворат устите и на најголемите скептици како што сум јас. Неговата улога во Милан ќе биде сосема различна со онаа што ја имаше пред четири години пред се затоа што сега ќе биде еден од најискусните во тимот и сигурно во неколку наврати ќе ја носи капитенската лента кога Монти, Кичо и Бонерот нема да можат да го сторат истото.
И за самиот крај енигмата на летото. Алесандро Матри!


1000 зошто, 0 затоа. Наводната голема желба на Макс Алегри и причината поради која ултра талентираниот Андреа Петања беше потапкан по рамо и пратен да се "развива" во Сампдорија.
Можеби и самото доаѓање на еден искусен голгетер од Серија А кој има пораснато во Милан не е лошо само по себе но она што боде очи е сумата. 11 милиони евра за 29 годишен неконстантен напаѓач за кој не знаеме каде ќе има место во тимот. Не дека јас, некој од блогов или ти читачу сме ги дале од џеб тие 11 милиони но фактот дека Адем Љаиќ, Хонда или некој солиден дефанзивец можеше да пристигне е она што ми става сол на раната.
Фактот што првиот голман на Холандската репрезентација како низ магла си замина во Фулам за само 5 ипол милиони евра е она што ме боли. Не е некој преголем ризик да купиш солиден голман за малце пари, па и ако се исплати ризокот ќе си ја обезбедиш стартната точка во тимот наместо да се плашиш дали на Кичо ќе му биде денот, или зошто Амелија сеуште е во Милан и до каде е со талентот, талентираниот Габриел? За нашите конкуренти и нивното меркато зборувавме и премногу можеби, затоа сега ќе оставам простор на вас, да читате, сумирате, да се согласувате со мене, да ме контрате и да коментарите.
Јас на ова меркато му давам оцена од некој 6.5 можеби 7 а вие?

Честит роденден Македонијо и FORZA MILAN !!!

Sunday, 1 September 2013

Нов почеток или?


Во сенка ќе падне натпреварот кој е на програма за нешто помалку од 3 часа со потезите кои не само последните неколку дена туку целото лето ги правеше нашата управа. Многу прашалници висат врз главите на верните Миланисти и повеќето од нас го имаат оној WTF момент. Зошто беа потрошени 11 милиони за 29 годишен просечен тотално непотребен напаѓач чија најдобра особина е неговата прекрасна девојка никој не знае.

Како ќе се уклопи истиот заедно со Балотели, Пацини, Ел Шарави, Нианг, Робињо, Сапонара не знаеме. Не знаеме ни зошто упорно се форсира доведување на 31 годишен истрошен Бразилец кој последен пат видел првотимски фудбал пред 4 години. Иако сакав да си замине, имам измешани чуства околу Боатенг. Неконстантна форма во 3 години со моментални блесоци како оној против ПСВ. Прочитав интересна работа, а тоа е дека ќе може да игра во Лигата на Шампионите годинава иако играше и за нас. Најверојатно некое ново правило на УЕФА за кое сеуште не сум информиран.


Во добрите вести, конечно се ослободивме од Лука Антонини кој продолжува кај нашите добри пријатели во Џенова. Во спротивен правец доаѓа Валтер Бирса, а уште малку остана да видиме дали ќе успееме да се ослободиме од Траоре.

И конечно и нешто за мечот. Доаѓа во многу чуден момент за нас. По исцрпувачкиот двомеч со ПСВ и гостувањето за заборав во Верона,  ни доаѓа Каљари кој во последните 9 натпревари на Сан Сиро секогаш губел и не успеал да освои ни бод. Најновите аквизиции Бирса и Матри се во тимот и можно е да добијат шанса од клупата.


Во моментов незнам што друго да извдојам. Уште сум во конфузија и мини шок со последните потези на нашата управа. Само победа вечер може барем колку толку да го поправи впечатокот. Во текот на наредната недела може да очекувате и еден пост со оцена на нашите нови аквизиции, бројки, интересни факти и сумирање на ова лето.


FORZA MILAN!!! 

Wednesday, 28 August 2013

Кога работите (навидум) излегуваат од контрола!


Сезоната почна многу поинаку од она што го посакувавме или се надевавме. Иако веќе сме навикнати да имаме очаен старт под водство на Allegri (кој подоцна не може да се рехабилитира со одличен финиш) ние повторно почнуваме лошо против противници со кои не би требало да имаме поголеми проблеми. Ако нерешениот резултат нагости против PSV беше солиден од резултатска смисла, оние што го гледаа мечот знаат дека ние бевме посреќните со конечниот исход и дека одигравме натпревар под нивото на ЛШ гигант и доколку домакините имаа барем малку повеќе среќа, ќе бевме во многу поочајна ситуација пред реваншот. На тоа се надоврза и очајното деби во калчото каде што дозволивме новопечен прволигаш да ни направи целосен пресврт после наше водство. Во тој меч уште повеќе болеше фактот што вториот гол го примивме некаде околу 60тата минута (а не во финишот од мечот) и ние бевме соочени со пораз цели 30 минути а сепак не успеавме да направиме ниту една посериозна шанса до крајот на мечот. Напротив, домакините беа далеку поопасни и со позитива па само расположениот Abbiati нè спречи од поголем срам! Кога еден тим кој е сметан за гигант, не може да наметне своја игра и да создаде притисок и (барем) шанси за гол цели 30 минути против новопечен прволигаш, тоа е одраз на очај, немоќ, психичка неподготвеност и пред се, недостиг на водство од клупата. А од клупата освен никаква идеја во играта се добиваат и нелогични замени:

1. Се брка резултат а се вади од игра El Shaarawy (сетете се на последниот натпревар од минатата сезона, повторно против прежален противник и соочени со елиминација од ЛШ).

2. Во игра се внесува Petagna и формацијата се менува драстично од 4-3-3 во 4-4-2

3. Менувањето на формацијата не е толкав проблем колку што беше распоредот на фудбалерите, Urby кој е класично лево крило, беше пуштен во игра да делува по десната аут линија а Nocerino кој е десничар, играше на левата страна?!

Очигледно таму некаде Berlu се сити а тактиката Dai Dai е се повеќе неразбирлива за фудбалерите на теренот.


Јас лично верувам дека вечерва одиме по тенок мраз. Резултатите а пред се играта од претходните 2 официјални натпревари и не ми ветува нешто повеќе. Чудната логика на тренерот и неговите константни падови во најважните натпревари, уште помалку. Наместо Poli кој го даде својот деби гол во првиот официјален меч во дресот на Milan и кој беше една од ретките светли точки против Verona, веројатно повторно ќе стартува Muntari кој беше воопшто незабележлив на првиот меч во Ајндховен. Веројатно целиот тим ќе биде оној истиот кој беше надигран во Ајндховен, освен рековалесцентот De Sciglio кој ќе ја заземе болната лева бековска позиција на која имаа неуспешни и трагикомични авантури најпрво Urby со PSV а потоа и Constant со Verona. PSV мора да падне, од овој меч зависат (какви такви) засилувања, од овој меч зависат барем 30 милиони евра, од овој меч зависи дигнитетот на клубот!


И збор - два за човекот за кој CL значи апсолутно се! Лигата на шампионите не значи баш се за екипи како Fiorentina, Lazio, Roma или Cardiff (летово потрошија преку 30 милиони евра влегувајки од втора лига и се на 5то место на најголеми потрошувачи во Premier) ама ете, значи апсолутно се за него! Секоја сезона се ценкаме апсолутно до самиот крај. Се ценкаме со се и сешто па дури и со местото во CL. Honda речиси сигурно ќе дојде дури во Јануари. Ljajic беше перфектна замена која можеше да го покрива она болно AMC до Јануари но не, ние моравме прво да осигураме пласман во CL. Нудевме некои 8 милиони, Adem на крајот замина во Roma според последните информации за само 10 милиони. Да, за само 2 милиони повеќе од она што го нудеше Mr G. И да обезбедиме пласман во CL и да купиме нови засилувања (кои би биле силувани) на нив им треба време за да се инфилтрираат во тимот. Тоа време се рефлектира преку лоши резултати во Калчо. А и што би купиле? Се шпекулира со имињата на Matri и Astori, фудбалери кои во најдобра рака не го подобруваат моменталниот квалитет на тимот. Во најдобра рака! Ангажманот на Matri е непотребно правење на услуга на Juventus затоа што на тоа место во тимот, Balo е неприкосновен стартер а Pazzo кој имаше одлична сезона лани, се враќа следниот месец! Astori е најмногу замена на Mexes и Zapata. Astori не го прави подобар и посигурен тој дел од тимот, го прави само поброен. И Matri а и Astori го прават само поброен тимот и даваат опција плус а никако не го зголемуваат квалитетот и не се загарантирани стартери.

Milan не ги заслужува овие потези од управата а најголем дел од фудбалерите (па и тренерот) не го заслужуваат Milan како бренд! Работите (навидум) излегуваат од контрола.


Friday, 23 August 2013

Почнува!




Конечно почнува! Се наоѓаме на крајот од летото кое засега не донесе ништо посебно за нас. Сепак, се вртат разни комбинаторики пред самиот почеток на G time. Настрана тоа, почнува сезоната! Почнува сезоната во Калчо со Milan. Прв натпревар нагости против повратникот во Serie A, тимот кој има невкусно име од наш аспект и тим чии навивачи се познати расисти. Се надеваме дека утре нема да има проблеми од тој карактер и дека воопшто нема да има проблеми за Milan да ја започне сезоната со победа. Иако (барем досега) не се засиливме со ништо особено, мора да запаметиме дека бевме убедливо најдобрата екипа во Calcio во оваа календарска година (од Јануари до крајот на сезоната) и воопшто една од најдобрите екипи во Европа, во тој период. Годинава ќе го имаме Balotelli на располагање од самиот почеток на сезоната и барем по последните натпревари делува како да го имаме и оној, одличниот El Shaarawy од првиот дел на минатата сезона. Во средината го добивме младиот и перспективен Andrea Poli кој за жал и не доби свој официјален пост за добредојде поради проблемите со формулата по која тој пристигна од Sampdoria. Го добивме и Saponara кој за жал сè уште не може да дебитира ниту во неофицијален меч поради проблеми со повреди. Околу составот и опциите во тимот по официјалното затворање на преодниот рок (кој потсетувам, годинава завршува на 2ри Септември а не на 31ви Август). Дотогаш мораме да се насочиме на натпреварот против Verona, за почеток.


Екипата на Verona успеа во својата првична цел по враќањето во Serie A, да го задржи во своите редови својот најдобар фудбалер, Jorginho кој беше мета на речиси сите поголеми клубови во Европа (меѓу кои е и Milan). Екипата од Verona ја краси млад и гладен тим кој е надополнет со искуството на Luca Toni. Toni е тип на напаѓач кој може да направи најмногу проблеми на одбрана како онаа на Milan. Нашата стара болка со проблеми при нафрлени топки веројатно продолжува и сезонава а Toni е во тоа најдобар. Тимот мора да биде подобар во маркирање (пред се двајцата централни дефанзивци) а мора на ниво да бидат и бековите кои ќе спречат нафрлувања по двете страни (ова ќе биде особено тешко за Urby).

Иако веројатно ќе се прават одредени претумбации во составот (и поради повредо но пред се поради реваншот со PSV), мораме сезоната да ја почнеме на победничка страна! Нема ништо подобро од успешен старт на сезоната и мораме да создадеме моментум кој ќе трае што е можно подолго! Поседуваме доволен квалитет за победа против Verona дури и со неколку ротации низ составот! На оние кои веќе подолго време се наоѓаат низ болниците во Milanello им се приклучи и Boateng кој заработи повреда против PSV и ќе го пропушти овој меч како и Muntari кој е суспендиран. Затоа после речиси цела летна пауза во конкуренција се враќаат De Sciglio и Robinho. Околу составот и можните комбинаторики за стартните 11 ќе се позанимаваме во текот на утрешниот ден. Следи меч кој треба и мора да се добие!

Forza Milan!!!

P. S За оние кои не се информирани, Телма нема да пренесува Calcio и со тоа се руши најдолгата традиција од спортски карактер во земјава.

Tuesday, 20 August 2013

PSV-Milan preview


Почеток на сезоната.
Можеби еден од најтешките почетоци во последните неколку години со оглед на тоа дека сеуште не сме квалификувани во групната ваза на Лигата на Шампионите. На патот ни стои Холандскиот гигант на кого сме му стари должници по полуфиналето што се одигра во 2005тата година. Токму сегашниот тренер на ПСВ, Филип Коку ни даде 2 гола таа мајска вечер. Другиот гол го даде Парк Ји Сунг кој се врати по подолго време во клубот каде што ја достигна својата најголема слава. Од тогашниот Милан не остана никој. Стрелецот на голот кој значеше финале и херојот Амброзини си замина летово. И во ПСВ многу работи се сменети, повторно се подмладени и сезонава ќе му бидат сериозна закана на речиси недопирливиот Ајакс.


Ова се играчите кои ќе му бидат на располагање на Макс утревечер. Дел од оние што ги нема се повредени додека пак другите (Траоре, Антонини...) се пред излезна врата.


Ни предстои натпревар кој ќе ја трасира сезоната и најверојатно преостанатите 2 недели на пазарот. Се надеваме и веруваме во позитивен исход од Ајндховен, мој тип е нерешен резултат од 0 до 2 голови.

FORZA MILAN !!!