Беше што беше, сега доаѓа Udinese. А што беше?
Од тие што заминаа, најмногу боде очи Pato (потег кој мене лично ме направи помирен и пофокусиран. Бев преморен секој ден да читам кога Pato ќе се врати од повреда и кога ќе се фати за бутниот мускул на натпревар, да барам колку време ќе отсуствува од тимот. Подобро е вака). Покрај него за одбележување е и Urby, кој беше незаменлив во првиот дел од досегашниот тек на сезоната а неупотреблив во вториот. Тој замина во Fulham на позајмица без дефинирани понатамошни клаузули. Тимот го напуштија и Acerbi, Valotti, Copolla. Didac беше во план но поради фактот што сè уште не е опоравен од повредата, не можевме да му најдеме дестинација.
Она поважното за нас, приливот на фудбалери. Тука нумерички добивме помалку, со оглед на фактот дека сакавме да го скратиме ростерот. Дојдоа Zaccardo (кој беше трампан за Mesbah), фудбалер кој може да покрие на двете бековски позиции и како централен дефанзивец. Можеби не се вклопува во нашата нова политика но може да биде многу корисен. Потоа конечно дојде и Mario за кого повеќе можете да прочитате
овде.
Во последниот ден од преодниот рок, дојде и Bartosz Salamon. Полскиот фудбалер кој настапува во Brescia, беше веќе една година на радарот на Milan. Станува збор за класичен regista кој може да покрие и како последен играч во одбраната. Располага со воочливи 190 см и прилично добро чувство за долги додавања и ширење на играта. Интересно, сезонава ја започна како дефанзивец во линија од три и беше одличен но пак настапуваше како libero. Подоцна, Brescia ја промени формацијата и настапуваше со класична четворка во дефанзива а тогаш Salamon имаше поголеми проблеми во маркирањето и чувањето на својот простор. Иако последните 6 месеци настапува како централен дефанзивец, неговата позиција е DMC. Тип на фудбалер како Sergio Busquets или David Luiz, може да покрие во дефанзива но побезбедно се чувствува малку понапред. Има само 21 година и заедно со Ricky Saponara (кој летово ќе дојде во Milan) важи за еден од најдобрите фудбалери во Serie B. Доколку може да се носи со притисокот кој го носи клуб како Milan, специфичната позиција на која игра и доколку доволно добро се вклопи во тимот, можеме да добиеме бисер на DMC за следните 10тина години. Неговите импозантни 190 см го прават опасност повеќе на нафрлените топки пред противничкиот шеснаесетник и главна дефанзива на нашата најголема болка, прекините во нашиот казнен простор.
------------------------------------------------------------------------------------------------------------
Во еуфоријата која ја донесе Mario, го пречекуваме Udinese, екипа која после Torino игра најмногу нерешени натпревари во Калчото. Измешани резултати кои во моментов им носат 9то место. Гостите го имаат еден од најопасните тандеми во калчото, барем според имињата. Di Natale е институција во Италија, а Muriel е фудбалер за кој допрва ќе се борат големите екипи.
Но затоа ние го имаме момчето кое своите први мрежи ги затресуваше токму против Udinese. Момчето кое за Udinese е вистинска казнена експедиција!
Во нападот покрај него веројатно ќе се најдат истите оние, кои ги играат последните неколку натпревари во серија и тоа го прават одлично, Pazzini и Niang. Mario ќе чека шанса од клупата. Средниот ред е веќе константен (за жал без De Jong во него), а во дефанзива се очекува нов старт за Zapata покрај Mexes (за кој постојат најави дека може да му го препушти местото на Bonera но јас лично не верувам во тие комбинаторики). De Sciglio сè уште не е доволно фит па Abate ќе има нов старт на десната бековска позиција а на спротивната страна, константниот Constant.
Нема ништо поубаво од сигурна победа со која ќе го задржиме позитивниот моментум кој го добивме со аквизицијата на Mario Balotelli. Се надевам дека ќе ја задржиме сигурноста во дефанзива и ефикасноста во нападот.
Forza Milan!!!