Translate

Sunday 26 January 2014

Против критиките и грипот!

 

Таков е денешниот Milan. Слаби резултати во серија па еден добар резултат / игра и веднаш се креваат надежите на навивачите пред повторно да бидат сурово приземјени. После добрата игра против Verona следуваше нокаут од Udinese во Coppa Italia и сега по некоја топло - ладно аналогија би требало да следи позитивен натпревар во Сардинија. Како да не беа доволни спортските повреди во тимот (ги има еден куп) па сега и грипот ги покоси половина првотимци. Abbiati, Poli, Petagna и Cristante (кој се врати на клупа) имаат грип па Amelia е првата опција меѓу стативите иако треба да се напомене дека и тој има незгодна повреда на коленото па доколку не е спремен може и Gabriel да се појави како трета опција.

Balotelli влече повреда заработена во Coppa Italia но повторно ќе се најде во самиот шпиц. Добра вест е тоа што Pazzo се враќа многу порано од предвиденото и веќе денес ќе биде на клупа. Одлична вест со оглед на тоа што буквално немаме резервен напаѓач во моментов. Кога сме кај повредите, вреди да се спомене и дека Zapata заработи повреда поради која ќе отсуствува околу 3 недели па денес Rami ќе игра покрај Bonera (со оглед на тоа што се работи на продажба на Mexes сега, нема да се ризикува со негов старт и евентуална повреда). 

Се надевам дека фудбалерите ќе дадат свој statement после срамната елиминација и пред се недостигот на желба против Udinese. Се надевам и дека Clarence се повеќе ќе има свој печат во играта на Milan. Се надевам на добра игра а резултатот ќе си дојде по себе.

P.S Се шират шпекулации дека Essien има мали проблеми на медицинските прегледи поради проблеми со коленото и постои можност да биде картиран назад во Chelsea. Сепак докторите во Milanello се запознаени со неговиот проблем и вршат подетални испитувања. Првично се очекува сепак дилот да се финализира, тоа што нема уште многу време до крајот на преодниот рок и тоа што фудбалерот може да игра ЛШ а дојде за безпари, имаат големо влијание на одлуката.

FORZA MILAN!!!

Wednesday 22 January 2014

Coppa Italia 1/4

Веројатно најлесниот начин да се стигне до Евро настап следната сезона е Coppa Italia. Долгиот пост во ова натпреварување треба да биде уште една мотивација за фудбалерите и стручниот штаб. Како и секогаш, форматот на натпреварување во Coppa Italia е создаден така што во завршницата најчесто има дерби дуели. Така ќе беше и вечерва доколку комшиите не беа елиминирани од Udinese. Синоќа Juve беше елиминиран од Roma а во нашиот дел од форматот евентуалната победа вечерва нè носи во полуфинален дуел (во 2 меча) против Fiorentina која не би требало да има поголеми проблеми против Siena.
Seedorf планира да настапи со речиси најдобриот состав и ќе има само мали промени во одбраната и во средината.


Двете промени во средниот ред се од објективна природа поради тоа што Montolivo се пожали на повреда и воопшто не се наоѓа во тимот а Honda сè уште не е доволно физички спремен па Birsa ќе настапи на AMR. Во одбраната ќе има мал експеримент со Rami на десен бек (мене лично тоа не ми се допаѓа) а остатокот од тимот е оној што настапи против Verona (Silvestre стартува поради повредата на Bonera кој би требал да се врати во тимот веќе викендов). За првпат под водство на Seedorf, ќе добие шанса Bryan Cristante. Момчето кое имаше неколку одлични меча во серија вечерва ќе ги има клучевите од моторот наречен Milan. Нормално, De Jong ќе биде претежно задолжен за прекинување на противничките акции па токму Bryan ќе треба да биде оној кој ќе го диктира темпото и начинот на кој Milan ќе напаѓа. Ќе биде интересно да се види како малиот ќе се снајде во оваа нова double pivot формација која ја нема играно во официјален натпревар на сениорско ниво.
Одиме на победа заради продолжување на позитивниот старт под водство на Il Professore и заради доаѓање на чекор поблизy до трофејот кој долго време го нема во нашите витрини.

Forza Milan!!!

Sunday 19 January 2014

Нова клима во Milanello!


Расчистивме со Max. Морам да признаам дека ми е чудно што повеќе го нема. Знаете како е, секој навивач на овој клуб е сентиментално врзан за се што се случува во и околу него. А како и да не би било така кога и самиот клуб функционира на сентиментални и емоционални бранови. Низ историјата на овој клуб поминале еден куп емоционални одлуки. Некогаш завршувале добро, некогаш лошо но речиси секогаш челниците се воделе според срцето. Max повеќе не е во клубот и иако пред да замине сите фрлавме со дрвја и камења по него, сега некако ми е необично. Сепак помина долг период на клупата и донесе една титула. Ти благодариме за тоа! Секое добро во понатамошната тренерска кариера!


На местото на Allegri доаѓа вистински синоним за светскиот фудбал, во секоја смисла! Clarence Seedorf е единствениот фудбалер во историјата на фудбалот кој успеал да освои 3 ЛШ трофеи со 3 различни тима (ги има вкупно 4 затоа што 2 има освоено со Milan). И не само поради тоа, Clarence секогаш бил синоним за убавината во оваа игра, за интелигенцијата, фер плејот, широката насмевка и големата смиреност во секакви ситуации. Уште додека играше за Milan, еден спортски директор на клубот изјави дека Clarence зборува 10 % како играч, 20 % како генерален менаџер на клуб и 70 % како тренер. Човекот едноставно го разбира фудбалот. Има харизма која знае да биде заразна и веќе тоа може да се прочита од Balotelli, на прво место. Овој потег е коцка на клубот, тоа сите го знаеме. Но еден новопечен тренер ваква шанса добива само 1 на милион. Шанса полека да го креира тимот, да не зависи од резултатите и да нема притисок за трофеи и бодови.

Clarence на својата официјална презентација како нов тренер на Milan даде неколку одлични поенти и насоки. Прво и основно, рече дека планира да ја користи 4-2-3-1 формацијата со која најмногу можат да се искористат офанзивните фудбалери во клубот иако потенцира дека поважен е менталниот склоп на фудбалерите отколку самата формација. Како што рече Clarence, формациите можат да се менуваат но менталната сила на фудбалерите, не. Рече дека сака да ги врати навивачите на стадионот, сака сите да уживаат во фудбалот, а тоа најдобро се прави со офанзивен пристап. Кратко и јасно преточи, најлесен начин да се освојат бодови е да се игра офанзивно.

Друга многу важна поента, рече дека сака да направи противниците повторно да се тресат кога ќе гостуваат на San Siro. Дека ова е наш дом и никој не смее да дојде тука со размислување дека лесно ќе освои бод или три! Треба сите да почувствуваат што значи да се игра на San Siro! Следна одлична идеја, Clarence рече дека планира да ги замоли сите големи легенди на клубот (Baresi, Maldini, Van Basten, Costacurta...) некогаш да присуствуваат на тренинг на Milan и да им преточат на фудбалерите што значи да се игра за овој клуб и каква историска одговорност со себе носат тие црвено - црни бои!

На прашањата на новинарите за Allegri, Clarence уште еднаш покажа дека е извонреден оратор и вешто ја избегна таа тема велејки дека сака да се насочи само кон иднината и кон креирање на добра клима во клубот. Според неговите зборови, тоа е најважно. Рече дека е задоволен со тоа што во клубот никој не осудува некој друг за лошите резултати, а тоа значи дека тимот е сплотен. Рече и дека верува во начин на функционира на клуб во кој има повеќе тренери за секој дел од теренот (Crespo веќе потврди дека бил контактиран од Clarence за да стане дел од неговиот стручен штаб. За Stam тоа ќе биде многу потешко затоа што тој има договор до 2016-та со Ajax). Веројатно нема да има големи поместувања во трансфер пазарот, особено во купување на фудбалери зимава. Можеби вака е и подобро, тренерот ќе може до крајот на сезоната да тестира кој заслужува а кој не заслужува да биде дел од клубот па на лето да креира трансфер листа и листа на засилувања. Како што може да се забележи, Seedorf навистина придава огромно значење на психолошкиот аспект.


Дебито на Il Professore на клупата на Milan ќе се случи вечерва, против осакатената Verona. Verona има одлични резултати и веројатно е најпријатното изненадување сезонава во Calcio. Сепак Verona ќе биде осакатена поради тоа што мозокот на екипата, Jorginho вчера замина во Napoli а најдобриот напаѓач Luca Toni е повреден. Нормално, треба доста да се внимава на Iturbe кој е еден од најдобрите млади фудбалери во светот.

Веројатните формации покажуваат дека Seedorf уште на првиот натпревар ќе се обиде со она што го спомена на пресот, 4-2-3-1. Формација која некако делува најприкладно за Milan и тоа ние (членовите на блогот) го дискутиравме на кафе во Скопје уште пред повеќе од 1 година. Оваа формација е и најпогодна за El Shaarawy кој никако сезонава да врзе континуитет поради повредите (се враќа во Март). Друг пех е новата повреда на Pazzo кој имаше важна улога во идеите на Seedorf (во таа 4-2-3-1 една варијанта беше со Pazzini во шпицот а Mario како дел од тројцата зад него). За жал, Pazzini ќе отсуствува цел месец.

Овој тим на хартија делува одлично но веројатно сите ќе се сложиме за една работа, Daniele Bonera. Настрана лошите партии во минатото, на последниот натпревар против Sassuolo, The Boner беше ужасен!! Директно кумуваше на 3 од 4-те гола на Berardi и не гледам никаква логика во негов повторен старт. Иако Zapata е нашиот најдобар дефанзивец во моментов (се консолидира после неколку ужасни месеци), сепак јас дури би се нафатил и на двоец Mexes, Rami ако тоа му помогне на новиот французин, само Bonera да не игра. Воопшто не ми се допаѓа таа варијанта!

Остатокот од тимот е најдоброто што може да се извлече во моментот и нема апсолутно никакви замерки. Знам дека е рано за резултати, знам дека Il Professore не може да направи ништо за 3 тренинга, но убеден сум во вечерашна победа и тоа победа со сигурна игра. Веројатно и мене ме фатила магијата на Clarence :)

Forza Il Professore!! Forza Milan!!!

Wednesday 15 January 2014

Специја во купот, и почеток на нова авантура!


Нови ветришта почнаа да дуваат во Милано. Конечно по долго натегање сменет шефот на стручниот штаб. Голема благодарност до Макс поради титулата која ја освои во неговата прва година како тренер на Милан, и за неговото трпение да не пукне под сите притисиоци и критики кои беа насочени кон него. И толку. Заврши за него приказната со Милан. Ние почнуваме нова, со еден од најхаризматичните џентлмени во фудбалот кој нема ни еден ден тренерско искуство. Но неговата фудбалска интелегенција, годините во фудбалот, клубовите во кои играл, фудбалските работници со кои соработувал а и секако морам да го спомнам и фактот кој сите го спомнуваат деновите - Кларенс говори шест јазици.

Хаосот во кој се наоѓа Милан повика на очајни и итни мерки. Враќањето на Сидорф во Милан значи обид на Берлу и Барбара да се стабилизира моменталниот тим, да застане цврсто на нозе па да почне да се надградува. Очигледно е дека Барбара има голем удел во бркањето на Макс кој си ги истроши сите кредити. Сега за сега доста за нашиот нов тренер кој официјално екипата треба да ја превземе од четврток, а утре Тасоти ќе не предводи против Специја. Кога сме кај мечот ќе има доста промени во стартниот состав:



Рами, Силвестре, Поли, Хонда и Пацини во стартниот состав. Освежување кое дефинитивно ни треба и воедно еден тест за тоа што можат дел од овие играчи да направат во моментот за овој Милан. Пацо ќе го има првиот старт после којзнае колку време, Хонда и Рами ќе дебитираат од почетокот, а Кристанте ќе го има третиот старт во серија. :) Ова е дефинитивно информација која ја пишувам со насмевка на лицето бидејќи пред нецели 2 недели Брајан беше скоро испратен на некоја позајмица. Кога сме кај позајмици и добри вести, денес се потврдија две. Првата е дека крлежот Матри го испративме кај Виолетовите до крајот на сезоната без опција за откуп. Ако ништо друго, барем нема да го гледаме до лето толку често, па дај боже да се излажат овие и да го купат.


Другата добра вест е свиткување на опаш и наведнување на глава односно е директно поврзана со оваа првата. Андреа Петања се враќа во Милан од 4 месечната позајмица во Сампдорија. Ова е нешто што не ни требаше да се дискутира доколку нашата управа беше разумна и не го направи киксот во август, ама еви им сега шанса да се поправат малце од малце. Важен детаљ тука е што само што се опорави Пацини, Матри беше испратен од клубот што укажува на тоа кој по ред напаѓач во тимот бил Алесандро. Како и да е, подобро е да гледаме како младо дете се развива, па макар и мачи и не му оди отколку истрошен, недокажан и неквалитетен влекач кој губи топки.

Јас лично по подолго време сум мноогу возбуден за меч на Милан. Бидејќи очекувам нешто ново, нешто свежно. Очекувам желба за докажување, за надигрување и за победување, сите овие работи кои ни фалеа во изминатиов период.

GRAZIE MAX E FORZA MILAN!!!

Sunday 12 January 2014

Нека тргне возот!

Да не се залажуваме, убедливата победа против Atalanta и не беше така убедлива до постигнувањето на вториот гол. Повторно бевме бледи, несигурни и панични во дефанзива штом малку бевме притиснати на почетокот од вториот дел. Дури кога Ricky го постигна својот 101 гол во дресот на Milan, се опуштивме. Тоа укажува на разнишана самодоверба. Сепак, би било одлично ако успееме да врземе уште една победа вечерва против Sassuolo кој нема освоено бод во последните 4 натпревари. Совршен противник за сигурна победа и билдање на самодовербата пред приближувањето на ЛШ двобојот со Atletico Madrid. А кога сме кај головите број 100 и 101 на Ricky во дресот на Milan, Adidas изготви специјален дизајн на копачки кои Ricky ќе ги носи вечерва против Sassuolo.

 

Околу составот, има неколку недоумици. Honda веројатно мечот ќе го започне од клупата, исто како и Rami. Тоа значи дека Allegri повторно ќе стартува со Kaka и Robinho зад Balotelli а во дефанзива би требало да стартуваат Zapata и Bonera. Покрај дебито на Honda, сите очи на фановите на Milan се насочени кон средниот ред. Тоа е така од причина што сите се љубопитни дали младиот Cristante ќе добие нова шанса од првата минута, после фантастичното деби со гол во Calcio. Во едната варијанта тој е на терен а Montolivo на клупата а во другата варијанта е обратно. Не знам зошто Nocerino би имал загарантиран старт ама такви се размислувањата на (веќе сигурно можеме да го нарекуваме) ВД тренерот на Milan, Allegri.

 

Убаво би било да победиме сигурно како резултатски така и играчки па да се почувствуваат некои нови ветришта во Milanello.

Forza Milan!!!
                                                       
P.S Matrinho стана сензација во овој преоден рок. Се почна нудење од страна на G на позајмица низ Италија затоа што никој не ни сака да го купи па сето тоа се претвори во лов по Matrinho, како во Италија така и во Англија. Fiorentina, Inter, West Ham, Everton, Tottenham, Sunderland... ако не може G да го продаде Matrinho сега, нема кога. Интересот е преголем и сигурен сум дека може да извлече продажба. Интересно, Inter го понудил Kuzmanovic (чувај боже) за Matrinho во директна замена на позајмици. Milan одбил, барајки ги Taider или Kovacic. АКО успееме да им го земеме Kovacic за Matrinho, тоа би бил bargain на подолг рок. Ама да им го земеме, не само да го позајмиме.                                                                                                                                                                                                                        

Monday 6 January 2014

Нова година за нов Милан!


За годината која помина уште многу ќе се зборува. Два комплетно различни периоди, две различни полувремиња. Од еден од најголемите играчки пресврти со триумфална завршница, со изборување на третото место буквално во последните минута од сезоната, до најлошото отворање на сезоната во модерната ера на клубот. Тоа беше годината кој ретко може да ја сумира, а во истиот текст да не искористи зборови и фрази кои имаат сосема различно значење. А тимот ист, тренерот и луѓето околу него исто така. Од успех и еуфорија, до очај и агонија. Во секој случај, неверување. Прво беше неверување дека изгубеното може да се надомести, потоа неверување дека момците можат вака да разочараат. Ги знаеш, а не можеш да ги препознаеш. И сега одново истата ситуација, овојпат уште покомплицирана – да се надоместат цели 17 бода!

Ама ај за промена веќе да не викаме дека секој нареден меч е многу важен или дека баш од мечот што следува треба да се почне една позитивна серија. Не сум суеверен, туку досадно е. Се ист муабет пред секој еден натпревар сезонава. Очигледно дека не оди, а момците се сигурно свесни за тоа, па очекувањата дека конечно ќе се скрши лошата аура сигурно ги прави уште понервозни. Ај да речеме дека сезоната е отидена во неповрат и дека се што ќе сторат од утре до крајот на Мај може да донесе само нешто подобро, позитивно. И со ова што го кажав погоре не значи дека го оправдувам лошото функционирање на клубот во есенскиот дел на сезоната. Напротив, но ова е време за промена и за менување кон подобро.

Првите промени се случија деновиве. Расположение и позитивни импулси пристигнаа од Токио вчера. Keisuke San е првиот јапонец во дресот на Milan. Еден од најдобрите азијски играчи, лидерот на јапонската репрезентација. Доаѓа во најзрелите фудбалски години, после четири бааги успешни сезони во Русија. За него клубот спреми перманентен договор, додека Adil Rami овие шест месеци ќе настапува како позајмен играч од Valencia, сигурно без опција да се врати во Шпанија, каде помина неколкумесечна суспензија од сопствениот клуб. Засега последната промена е во обратен правец – M’baye Niang замина на полугодишна позајмица во Montpellier, за кој викендов одигра натпревар, дури постигна и гол од пенал. Французите имаат опција за откуп во Јуни за која ќе треба да платат 10 милиони евра. Во најава уште неколку излезно-влезни трансфери, кои рака на срце беа и се логични заради ситуацијата во која се наоѓа тимот и императивот на комплетно различна фудбалска пролет.


И сега, односно утре, повотрно пред нашиот најголем проблем. Како позитивните случувања да се трансформираат во позитивни резултати и бодови. Противникот повторно далеку од нивото и реномето на Milan. Нема да речам дека тоа ништо не значи, затоа што тоа значеше и годинава повторно ќе значи полна мрежа за противникот. Затоа што знам дека Balo и Kaka ќе имаат одлично попладне утре, Matri или Binho или Saponara или било кој што ќе стартува во нападот ќе има милион мотиви да се наметне во остатокот на сезоната, затоа што de Jong не сака да го отстапи приматот на најдобар играч што го имаше есенва, Montolivo да ја оправда капитенската лента по серија глупости, а Poli нема да дозволи да е жртва на формацијата по вклучувањето на Honda во тимот, затоа што Rami ќе нема подобра шанса да го импресионира San Siro, а Mexes ќе побрза да покаже дека другар му Adil е правиот партнер за формирање на бедемот (иако утре Zapata и Bonera веројатно ќе докажуваат слична работа), затоа што Urby само напредува од меч во меч, Mattia уште повеќе, а Abiatti како најискусен ќе го набљудува мечот без многу работа, оти едноставно Milan ќе доминира и комотно ќе победи. Затоа што сите ќе сакаат да одиграат минута повеќе во новиот Milan кој ќе победува и за кој сите ќе зборуваат, овојпат во позитивен контекст.

Горе-долу, играчите од претходниот пасус ќе бидат стартери утре од 15 часот против Atalanta. :) Одиме на првата победа во 2014!

FORZA GRANDE MILAN!